
Животот од мене побара да отворам манастирски порти за да можам внатре да се скријам. Мојата душа со саканите и среќни мигови, како и со тажните и солзни денови постепено ги пресликав на платно за да се овековечам како личност и како светлина што зрачи преку моите очи. Неисцрпното богатство што тлее во мене го пренесов исто како што се пренесуваат сликите од Бог на икони. Спознавањето на самата со себе и спознавањето на мојата душа е неоткриен миг до кој никогаш нема да стигнам во целината на моето постоење. Преку моите слики ја насликав вистината за мојот поделен свет, но и мојата тага и самотија. Преку моите слики ќе ја подарам на светот целата моја скриена вистина што за мене е вечен сон што знае светлината да ја зачува, но и да ја ползува преку сопствените очи. Мојот живот е мистична приказна што ретко може да се чуе. Приказната поседува незавршено време што може да се огледа на моите сликани платна.
Таков е мојот живот.
Живот со присакувана тага.
Живот со присакувана среќа.
Над се и пред се, се издига мојата вистина која е Божја светлина што ме носи по празните платна, за од нив да воскреснам љубов, тага и среќа.

Кратка биографија:
Елизабета Митрева е родена 1970 год. Дипломирала на Технолошко-Металуршкиот Факултет во Скопје, магистрирала на истиот факултет во областа - Управување со квалитет. Докторирала на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на Универзитетот Кирил и Методиј, Скопје во областа на - Тотален менаџмент на квалитет.
Митрева работи како универзитетски редовен професор на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет Гоце Делчев, Штип.
Автор е на дваесет научни книги и повеќе од сто и осумдесет научни трудови од областа на тотално управување со квалитет (TQM), методи и техники за управување со системи, како и оптимизација на деловни процеси.
Митрева до сега има реализирано три самостојни изложби пред македонската публика.
-
Mitreva, Elizabeta (2022) Самостојна хуманитарна, донаторска изложба насловена:
Бакнати деца.
-
Mitreva, Elizabeta (2019) Самостојна изложба на слики под наслов: „Бакнати порти“.
-
Mitreva, Elizabeta (2017) Прва самостојна изложба „Бакнато време“.