Преку моите слики ја насликав вистината за мојот поделен свет, но и мојата тага и самотија. Мојот живот е мистична приказна што ретко може да се слушне. Приказната поседува незавршено време, што може да се огледа на моите насликани платна.
Животот од мене побара да ги отворам манастирските порти, за да можам внатре да се скријам. Мојата душа со саканите и среќни мигови, како и душата со тажните и солзни денови, постепено ги пресликав на платно за да се овековечам како личност и како светлина што зрачи низ моите очи. Неисцрпното богатство што тлее во мене е пренесено на платно исто како што се пренесуваат сликите од Бога на икони. Спознавањето со самата себе и спознавањето на мојата душа е неоткриен миг до кој никогаш нема да стигнам ниту да се откријам во целината на моето постоење.
